|
ШТО Е ТОА ГРЕВ? Гревот е нарушување на христијанскиот духовен закон, тоа е непослушност на Словото Божјо од страна на верникот. Поимот грев е религиски поим и него го сфаќаат само оние што го прифаќаат христијанскиот закон и што ја исповедуваат верата во Бога и кои заради тоа се наоѓаат во „црковната ограда". Оној, пак, што е надвор од Црквата, воопшто не е способен да ја сфати својата гревовност, ниту да го види сиот свој пад и да се ужасни заради длабочината на својата заразеност со смртната болест на гревот, како ниту да ја почувствува својата оддалеченост од Бога и од Вистината.
ШТО Е ТОА ГРЕВ? Гревот е нарушување на христијанскиот духовен закон, тоа е непослушност на Словото Божјо од страна на верникот. Поимот грев е религиски поим и него го сфаќаат само оние што го прифаќаат христијанскиот закон и што ја исповедуваат верата во Бога и кои заради тоа се наоѓаат во „црковната ограда". Оној, пак, што е надвор од Црквата, воопшто не е способен да ја сфати својата гревовност, ниту да го види сиот свој пад и да се ужасни заради длабочината на својата заразеност со смртната болест на гревот, како ниту да ја почувствува својата оддалеченост од Бога и од Вистината. Заради тоа, прво треба да се покаеме за гревовите против Бога и Неговата Црква. Такви гревови има многу, тие се поврзани во една нераскинлива мрежа на разни духовни состојби, како едноставни и очигледни, така и скриени, на прв поглед беззначајни, а всушност исклучително опасни по душата. Тие, воопштено, може да се поделат на: маловерие, суеверие, богохулење и заколнување во Бога, немолитвеност, негрижа кон црковната служба и др.Ние тука ќе прикажеме некои од нив. МАЛОВЕРИЕ Овој грев е најраспространет. Понекогаш маловерието преминува во потполно безверие, иако човекот што боледува од него често и понатаму ги посетува Божјите служби и прибегнува кон исповедта. Во таква состојба маловерниот не го одрекнува постоењето на Бога свесно, но, сепак, се сомнева во Неговата семоќ, милосрдие или промисла. Со своите постапки, навики, со целиот начин на своето живеење тој му противречи на верата што ја исповедува со зборови. Таквиот човек никогаш не се вдлабочува, дури ни во наједноставните прашања од догматски природа, плашејќи се да не ги изгуби наивните и често неточни и примитивни претстави за христијанството, што од порано ги стекнал. Претворајќи го православието во национална домашна традиција, во збир на надворешни обреди и гестови или сведувајќи го на уживање во преубавото црковно пеење, светкањето на свеќите, односно на надворешна убавина, маловерните го губат она што е најважно во Црквата - нашиот Господ Исус Христос. Кај маловерните побожноста тесно е поврзана со естетските, страсните и сентименталните емоции: таа лесно се прилагодува на егоизмот, суетата и сентименталноста. Луѓето од овој тип бараат пофалби и добро мислење за нив од духовниците. Таквите луѓе на исповедта често се жалат на другите, сакаат да ја покажат својата „праведност". Од сладникаво-лицемерна „побожност" тие лесно паѓаат во раздразливост и гнев кон ближните. Таквите „праведници" кои не гледаат во себе никакви гревови, често кон оние што ги окружуваат изразуваат бездушност, се егоистични и лицемерни, тие живеат само за себе, сметајќи дека воздржувањето од гревот е доволно за спасение. Воопшто, религиското самозадоволство и самоспокојство се главни показатели за оддалеченоста од Бога и од Црквата. ЗАНЕМАРУВАЊЕ НА ЦРКОВНИТЕ БОГОСЛУЖБИ Овој грев најчесто се изразува во недостатокот на желба за учествување во светата тајна евхаристија, т.е. долготрајно лишување на себеси од причестување со Телото и Крвта Господови (а тоа да не го придонесле неповолни надворешни околности). Освен тоа, и воопшто отсуството на црковната дисциплина, нељубовта кон службата Божја. Луѓето често се правдаат со презафатеноста со секојдневните работи, со тоа дека живеат далеку од црквите, со должината на богослуженијата, неразбирањето на црковните служби, несфаќањето на црковнословенскиот јазик. Овој грев се препознава и во непознавањето на основните молитви: Символот на верата, основните молитви (Оче наш, Исусовата молитва, Цару Небесен, Богородице Дево), во несфаќањето на смислата на светите тајни и, што е најважно - во недостаток на интерес тоа да се дознае. ЗАНЕМАРУВАЊЕ НА МОЛИТВАТА Ова е поединачен случај на нецрковност - многу распростарнет грев. Зборувајќи за оваа најважна страна на духовниот живот, оној што се исповедува мора на исповедта да каже како се моли, какви се плодовите на неговата молитва, дали молитвата му донесува духовна утеха или ја смета за непријатна обврска, од која се обидува да се ослободи под било каков изговор; дали користи православен молитвеник или ги знае молитвите напамет, дали чита евангелие. Секој верник е должен во молитвата секој ден да ги споменува ближните, живи и мртви, за здравје и за покој на душите, должен е да се моли „за оние што го мразат и коишто го навредиле", за оние кон кои има непријателски чувства, кои, можеби, неправедно го навредиле. Исто така, мора редовно да оди на Божјите служби, да биде в црква во недела и на големите празници, мора да ги почитува постовите што ги одредила (пропишала) Црквата - не само во смисла на воздржување од храна, туку и во духовна смисла. Обврзан е да се помири со оние со коишто бил скаран, да дава милостиња, да простува долгови, да се оттргнува од се суетно и да се сосредоточува на она што е вечно. Топлата молитва е она по што се разликува искрениот верник од „млакиот". Човекот не треба да се труди што побрзо да го прочита молитвеното пра-вило и да се преседи Божјата служба, туку да го стекне дарот на молитва од Господа, да ја засака молитвата, нестрпливо да го чека времето за молитва. Верникот е должен да се стреми кон тоа да влезе во молитвен ритам на животот, да научи да ја сака и да ја сфаќа музиката на црковното пеење, нејзината неспоредлива убавина и длабочина, сликовитоста и мистичната изразност на литургиските символи. Дарот на молитвата е и владеење над себе, внимание над себе, повторување на зборови, учествување не само со устата и јазикот, туку и со сето срце и со сите мисли во молитвеното делување (дејствување). Човекот мора да стекне навика за Исусовата молитва („Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот/грешната") и оваа молитва мора да ја изговара во себе секогаш и секаде, особено во тешки моменти, во прилика на засилени духовни борби, во искушенија и тешкотии. Значи, брате, обрати внимание против кои од наведените неопходни христијански правила, одредби и обврски грешиш во однос на нашата вера и светите црковни правила и не заборавај за тоа да се покаеш! СУЕВЕРИЕ Често меѓу верниците никнуваат и помеѓу нив се шират разноразни суеверија, верувања во „добри" и „лоши" хороскопски знаци, вражања, разни гатања, гледање на судбината на карти, на дланка, кафе, грав, броеви, ѕвезди... разни еретичко-магиски претстави за светите тајни и црковните обреди. Во наше време посебно е распространето погубното учење теософија (негов најпознат правец е антропософијата). Лицата на луѓето што долго се занимаваат со таканаречените окултни науки, навлезени во „тајното духовно учење" имаат тежок израз - знак на неисповедуваниот грев, а во душата - болно, извитоперено мислење на сатанската рационалистичка гордост за христијанството како за едно од „ниските степени (скалила)" на познавање на вистината. Гушејќи ја детски искрената вера во татковската Божја љубов, надежта во воскресението и вечниот живот, теософијата проповедува учење за „карма", реинкарнација, вонцрковен и, со самото тоа, безблагодатен аскетизам. Освен непосредната штета за душевното здравје занимавањето со теософијата, окултизмот и спиритизмот е тежок грев и затоа што тоа е обид дрско да се влезе зад затворените врати, да се проникне во тајната на битијата по нецрковен, заобиколен пат. Таквите работи задолжително треба да се исповедуваат доколку оној што сака да стапи на црковниот пат и да пристапи кон светата тајна покајание во нив учествувал. ОСУДУВАЊЕ Осудувајќи ги туѓите недостатоци (вистински или привидни), човекот смета дека е подобар, почист, попобожен, почесен и попаметен од другиот. Меѓутоа, не е така: „Оној што има чисто срце, смета дека сите луѓе се чисти, а оној чие срце е изгнасено со страсти никого не го смета за чист, туку мисли дека сите се слични на него" (ава Исаија). Нашиот суд никогаш не е непристрасен зашто, најчесто, се заснова на случаен впечаток или се донесува под влијание на лична навреда, раздразливост, гнев или случајно расположение. Православниот христијанин безусловно може и мора да протестира против неправдата и неправедноста, да ги заштити навредените. Но, да воспостави вистина може само оној што е достоен, кој го заслужил правото да ја заштити, кој може самиот скромно да ја сослуша вистината за себе и кој со кротост може да се покае за сопствените гревови. Осудувањето, јавно или одвај забележливо, е еден од најчестите гревови, кој најтешко се исповедува затоа што е како ситна прашина расеан по целиот наш живот, во сите наши дејства, меѓутоа, оваа прашина е крајно штетна. Еден збор на осуда, една прекорна мисла често (како што е познато од житијата на светите отци) човекот, па дури и ревносните подвижници потполно ги лишувала од Божјата благодат. Една мала осуда може да го лиши христијанинот од награда за големи и долготрајни трудови, во еден момент може да направи душата да остане потполно ограбена, опустошена, падната, иако до пред малку се радувала и се веселела со духовна радост. Во светото евангелие од устата на Самиот Господ често слушаме предупредување по повод осудувањето на ближниот: „Не судете за да не ви се суди!", „Со каков суд судите, со таков и ќе ви се суди", „Прости ни ги долговите наши, како и ние што им ги простуваме на нашите должници". Изговорајќи ја молитвата Господова „Оче наш", директно си изрекуваме тешка пресуда, доколку ги осудуваме ближните и не им го простуваме гревот што го направиле против нас. Најкраток, најлесен и најрадосен пат за Царството Небесно е, ако човек никого (ниту малку) не осудува, ако секогаш го трга погледот од гревот на ближниот и се труди да ги види своите гревови, ако се прекорува себеси и се смета за помал од својот брат. Проживеј макар еден ден така и ќе почувствуваш дека веднаш му се приближуваш на Бога. Ако никого не осудиш, тогаш, и покрај многуте гревови, може да бидеш помилуван на судот, а ако осудуваш, и покрај достојниот, строг и во се примерен живот кај тебе ќе се најдат многу гревови за кои ќе ти биде многу строго судено. Заради тоа нашите отци толку се плашеле од тој грев, така што го чувале секое свое чувство, збор и мисла, се труделе да не покажат осуда ниту со мал прекор или движење на главата, како ниту со прекореи поглед или воздишка. Доколку нападно ти доаѓаат помисли на осуда од демонот, не давај им да се вселат во срцето, а ако се допрат до срцето, потруди се да не ги покажеш, ако премолчиш, лесно ќе можеш да ја истераш таа страст од срцето, а ако ја кажеш - тешко си згрешил! ГОРДОСТ И СУЕТА Тоа се најдлабоките, најраспространетите и најпогубни болести од кои потекнува секое зло во човекот. Гордоста е мајка на сите страсти и гревови. Човекот ништо не го оддалечува од Бога толку како гордоста. Од неа произлегуваат сите, на неа слични, болести: самољубие, вообразеност, егоизам, лицемерие и сл. Гордоста не е секогаш очигледна, но нејзиното присуство секогаш може да се најде во многу постапки. Човекот што стражари над себе, лесно може да ја забележи во себе, но не може секогаш да ја измери нејзината длабочина и да ја опише со зборови. Затоа суетата, како најблизок слуга на гордоста, секогаш е очигледна. Тоа е многу лукава страст, таа како крадец или како поткуплив цариник од секоја добродетел, воопшто од секоја човечка постапка се обидува да отсече дел во корист на гордоста во слава на самозадоволното човечко „јас". Прави ли човекот добро или лошо, убаво или грдо, суетата секогаш е тука и демнее - од тоа да извлече нешто пофално што го храни болното самољубие. И обратно: пред да почне човекот нешто да работи, тој секогаш во себе расудува: треба ли тоа да го направи, како да го направи, заради што; и веднаш тука доаѓа суетата со своите погубни предлози, лукаво извртувајќи ги добрите желби и подметнувајќи, наместо богоугодни мотиви, лажни - заради прославување на својата личност. Ако човекот почнал да прави добро заради Господа, суетата му шепнува: „Да, ајде, тоа е многу добро, а и луѓето после добро ќе зборуваат за тебе..." и, ете, човекот одеднаш почнува да се воодушевува од себе си одеднаш почнува да му доаѓа сила, човекот повеќе не забележува дека ја прифатил лукавата мисла и се труди во своја слава, а не Божја. Токму затоа нашиот Спасител често не учел за таа страст - дека не треба да се молиме јавно, да гледаат луѓето, и дека милостињата треба да се дава тајно и секое дело да го правиме пред Бога, а не пред луѓето. А толку е разновидно дејството на сите замки на овие страсти што е невозможно да се разоткријат. И како што пишуваат отците, само што ќе се ослободиш од еден повод за суета, таа веднаш го наоѓа во спротивното дејство - и така, како кај лушпите од кромид, ќе тргнеш една, а под неа се наоѓа иста таква, нова. Сепак, бидејќи оваа страст е заразна и тешко се лекува, со неа треба најжестоко да се бориме зашто таа го уништува секј човечки труд. Честопати, целиот надворешен живот на христијанинот може да биде многу примерен, многу ревносен, а одвнатре целиот изеден од тој црв, целиот може да биде основан на тој лажен темел (на песок) и целото огромно велелепно здание може да се урне од лесно ветре. И имај на ум, брате: во наше време оваа страст многу е распространета меѓу христијаните во вид на лажна побожност, лажна ревност, човекоугодување, во вид на ласкање и лицемерие. Затоа, бдеј внимателно над своето срце и исповедувај ги гревовите од тој вид на исповед за да не би ја заменил славата Божја за слава човечка. |